Петровиќ: Голема победа, историски триумф за Пелистер

Тренерот на Пелистер, Александар Петровиќ беше еуфоричен по триумфот на неговиот тим против Широки.

Тоа беше прв меч и победа за битолскиот тим на домашен терен во клупската историја, кога се работи за меѓународните натпревари. Пелистер водеше и со 13 поени разлика на овој меч, но во финишот стравуваше за победата бидејќи Широки се доближи на само -1. Тоа, сепак, не го уништи задоволството на Петровиќ кој им честиташе на соиграчите, а во исто време и се заблагодари на публиката.

„Сигурно не требаше да дозволиме да има драма, кога веќе на четири минути до крајот имавме плус 13 и наш напад. Сепак, брзоплетоста на нашите играчи придонесе предноста брзо да се истопи. Се влезе во неизвесна завршница, но и во тие последни секунди имавме контрола над резултатот… Им честитам на моите играчи кои дадоа се од себе, од прв до последен кои влегоа на терен и дадоа свој придонес. Мечот се одигра во еден одличен амбиент, вистински спектакл, верувам дека на следниот натпревар ќе имаме уште повеќе публика.

Среќен сум, ова ни е прва победа сезонава, но немаме многу време, веќе викендов пред нас е и првото коло од Супер-лигата и дуелот со Тиквеш во Кавадарци. Одиме од натпревар во натпревар, јас верувам дека на секој нареден меч ние ќе играме подобро и подобро, екипата е нова и нормално е да ни е потребно време за целосно воигрување. Во секој случај, ова е една голема победа, историски триумф за Пелистер во Битола“, рече Петровиќ.