Пелистер во финишот едвај се „извади“ против Чаир за полуфинале во Купот!

Кошаркарите на Пелистер дојдоа до драматична победа над Чаир 2030 (76-72) со што обезбедија место во полуфиналето на Купот на Македонија, откако неизвесната завршница го одлучи исходот на натпреварот.

Битолчани силно го отворија мечот и рано поведоа со 9-2, но скопскиот тим брзо се врати и намали на 9-10. Зелено-белите повторно направија серија за двоцифрена предност (23-13), но чаирчани не се предаваа и во вториот период намалија на само поен негатива (27-28). До полувремето фаворитот сепак одржа контрола и замина на одмор со водство од 41-36. Пелистер во третиот период ја достигна највисоката предност од 12 поени (55-43), но потоа следуваше голем пад во нивната игра. Чаир со серија од 17-5 намали на 60-62, најавувајќи неизвесна завршница.

Финишот донесе голема драма – Пелистер иако постојано беше во благо водство, противникот трипати успеа да израмни, вклучувајќи и по две тројки на Костоски и Мофи (72-72). Во последната минута битолчани влегоа со минимална предност, но покажаа мирна рака и ја сочуваа разликата до крајот, освојувајќи го полуфиналниот билет со четири поени разлика. Никола Мишковиќ со 23 поени и 11 скока и новакот Џеремаја Гумбрел со 20 поени беа убедливо најдобри во победничкиот тим, додека Американците Мофит и Кели со по 24 поени беа најпрецизни кај Чаир.

Составот од Битола за место во финалето ќе играат против подобриот од вечерашното последно четвртфинале помеѓу МЗТ СКопје и Работнички (20.30 часот).