Гевгелија слави: Кожув со моќна игра и со голема поддршка го реши Куманово!

Кошаркарите на Кожув обезбедија пласман во полуфиналето на Купот на Македонија, откако на домашен терен го совладаа Куманово (81-69).

Со оваа победа, тимот предводен од тренерот Апостоли Апостолов им се реваншираше на кумановчани за убедливиот пораз (66-99) од пред само пет дена. Гевгеличани одиграа одличен натпревар во салата „26 Април“, предводени од расположените Стевановиќ, Вилсон и Пилепиќ. Тие рано го презедоа водството и не дозволија Куманово да се врати во игра. Полувремето заврши со предност од 42-29 за домаќините, кои во вториот дел само ја зголемуваа разликата.

Гевгеличани доминираа во третиот период, зголемувајќи ја предноста на плус 19, додека Куманово се обидуваше да се врати преку Радукиќ и Тадиќ. Во последните минути гостите намалија на 62-73, но Кожув рутински ја задржа контролата и заслужено триумфираше. Најефикасен во победничкиот тим беше Стевановиќ со 24 поени, а Вилсон додаде 18. Во редовите на Куманово, најдобар беше Радукиќ со 20 поени.

Во полуфиналето, Кожув ќе се соочи со Гостивар, кој денеска направи изненадување елиминирајќи го ТФТ Скопје.