Пелистер се засили: Младеновиќ го напушти Работнички и се пресели во Битола!

Само неколку дена по официјалниот крај на кошаркарската сезона, екипата на Пелистер го направи првиот трансфер и тоа ангажманот на досегашниот плејмејкер на Работнички, Марјан Младеновиќ.

Станува збор за искусен организатор на играта, кој по неколку години одново ќе соработува со тренерот Марјан Илиевски, под чија палка играше во Блокотехна, а потоа требаше да игра и во АВ Охрид пред клубот да се распадне. Тој изминативе две сезони ги одигра во дресот на Работнички, а претходно има настапувано и за екипите на Овче Поле, Радовиш и на Куманово. Изминатата сезона на 22 средби домашната Прва лига просечно реализираше 4,9 поени со 3,5 скока и четири асистенции, додека во АБА2-лигата на 10 натпревари имаше просек од 3,1 поен, 1,4 скока и 2,1 асистенции за нешто повеќе од 12 минути на теренот.

Младеновиќ е првиот сигурен кошаркар во ростерот на Пелистер за следната сезона, каде што се очекува да биде продолжена соработката со српскиот центар Игор Кесар, како и со уште неколку играчи од тимот што настапуваше изминатиов период. Битолчани со пласманот во полуфиналето од плејофот го изедначија најдоброто клупско остварување.