Пелистер побара нов термин за Суперкупот – КФМ експресно го одби!

Кошаркарскиот Суперкуп помеѓу МЗТ Скопје и Пелистер дефинитивно ќе се одигра в сабота од 19 часот во салата СРЦ „Кале“, откако комесарот за натпреварување во КФМ, Александар Милојевиќ, го одби барањето на битолчани за промена на терминот.

Вицешампионот и финалист во Купот на Македонија завчера испратил молба за поместување на пресметката за трофејот „Драган Василов-Цевка“ за еден ден порано поради нивните обврски во АБА2-лигата. Битолчани следниот вторник (1 октомври) ќе го пречекаат Широки на стартот од сезоната во регионалното натпреварување, па сакале да имаат еден ден повеќе за подготовка пред овој дуел.

Комесарот Милојевиќ како една од причините за негативниот одговор го потенцира состанокот на прволигашите одржан на 5 септември на кој се разговарало, меѓу другото и за Суперкупот и за тоа кога тој ќе се одигра. Пелистер имал свој претставник на овој собир, кој тогаш не дал никаква забелешка на одредениот термин за овој меч (28 септември).

Сезоната за македонските тимови во АБА2 почнува утре со средбата помеѓу МЗТ Скопје и Теодо во „Јане Сандански“, додека Работнички својот прв меч ќе го одигра против Сутјеска, в четврток во СРЦ „Кале“.