Пелистер ги брани навивачите: Чкембари не беа виновни за тепачката во Аеродром!

Управата на кошаркарскиот финалист Пелистер со соопштение ја информира јавноста дека целосно застанува зад припадниците на навивачката група Чкембари, која беше инволвирана во тепачка со редарите и полицијата на синоќешниот трет меч од финалната плејоф-серија против МЗТ Скопје (62-86).

Битолчани потенцираат дека нивните фанови не биле виновни за инцидентот, туку тоа била редарската служба задолжена да спречува, а не да предизвикува проблеми.

„КК Пелистер целосно застанува зад навивачката група Чкембари бидејки таа воопшто не беше причинител за инцидентот. Нашите навивачи беа првично нападнати од редарите, т.е. од лицата кои на трибините се задолжени да спречуваат инциденти, а не да предизвикуваат инциденти. Најостро го осудуваме овој нивен непрофесионален однос и се надеваме дека во иднина нема да бидеме сведоци на вакви немили настани“, се вели во соопштението на пелистерци.

Аеродромци во моментов водат со 2-1 во серијата што се игра до три победи, што значи дека првата шанса за деветтата титула ќе ја имаат на задутрешниот меч во Битола, закажан за 18.30 часот. Со цел да го спречат тоа, зелено-белите ги повикуваат навивачите да им помогнат да се изборат за „мајсторка“.

„Ги повикуваме Чкембарите и битолските љубители на кошарката во што помасовен број да ја исполнат салата 'Боро Чурлевски' и во една фер, спортска и кошаркарска атмосфера да бидат нашиот шести играч во целта за изборување на мајсторка“, дополнуваат битолчани.