
Работнички го официјализира новиот тренер и најави враќање на шампионските патеки!
На работна средба со директорот на клубот, Горан Веселиновски и со новиот предводник од клупата, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изрази силна поддршка за проектот на обновување и враќање на победничките патеки со оглед што локалната самоуправа е целосен сопственик на клубот.
„Работнички има богата историја и длабоки корени, но и предизвици кои ќе ги надминеме заедно. Со новата сала и искусниот стручен тим, верувам дека повторно ќе биде меѓу водечките клубови во Македонија и регионот“, изјави Герасимовски.
На состанокот се разговарало за подготовките за новата сезона, долгорочните планови на клубот, како и за втората фаза од реконструкцијата на салата, која според најавите, ќе биде подготвена за следната сезона. Мирковски, кој има повеќе од две децении искуство и е двоен добитник на признанието за најдобар тренер од КФМ во младински категории, ќе има задача да изгради тим што ќе го комбинира искуството со младоста. Во тренерскиот штаб ќе се приклучи и Сашо Тодоровски како помошен тренер, со меѓународно искуство, меѓу другото и во рускиот гигант ЦСКА Москва.
Раководството на клубот потврди дека во новиот состав ќе останат репрезентативците (Ѓуроски, Робев, Ефремовски – н.з.), но фокусот ќе биде ставен на развој на млади македонски кошаркари, кои ќе добијат реална шанса да го докажат квалитетот. Реновираната сала, која се адаптира според ФИБА стандарди, ќе добие нови трибини и седишта, модерни соблекувални, клима-систем и подобрено осветлување, со што ќе стане современ дом на клубот кој одамна се нема вмешано во битката за некој од домашните трофеи.