Пеколна трета четвртина: МЗТ со фуриозен напад лесно го освои Кавадарци!

Кошаркарите на МЗТ Скопје со одлична игра во нападот попладнево, како гости, го совладаа одличниот тим на Еуро Никел (96-81), со што ставија крај на серијата од седум победи по ред на противникот.

Аеродромци клучната предност ја обезбедија во третиот период, кој го добија со 30-17, кога со серија 14-3 дојдоа до првото двоцифрено водство (75-65), кое потоа умешно го задржаа до самиот крај. Домаќинот може да жали за пропуштената шанса да дојде до уште еден скалп на фаворитот, кого го победија во Скопје во првиот дел од шампионатот (87-75), со оглед што во вториот период водеа и с плус 11 (32-21). Но, „металците“ тогаш вратија со 11-2 за намалување на негативата, за да блеснат по стартот на второто полувреме за целосен резултатски пресврт.

Андреј Магдевски со 19 поени беше најпрецизен кај МЗТ, додека Иван Карачиќ постигна 15, а Гравет 14 поени, а за одбележување е и дабл-дабл ефектот на Бојан Крстевски со 12 поени и 11 скока. Роберт Рикиќ со 18 и Дарко Соколов со 17 поени беа најефикасни кај Еуро Никел.

Ова беше последен меч од регуларниот дел за кавадарчани, кои завршуваат со скор 15-7, додека сино-белите сега имаат учинок 14-6 и уште мечеви со Куманово и со Црн Дрим.