Екипата на МЗТ Скопје по петти пат по ред и 11. во својата историја е шампион на Македонија.

Во финалната серија, аеродромци повторно го победија Пелистер, но за разлика од лани, без загубен натпревар (3-0), а триумфот за титула, како и претходните две години, го остварија на теренот на противникот. Третиот меч им припадна со 78-67 за потврда на доминацијата во македонската кошарка.

Пелистер, како и на претходните два меча во Скопје, повторно беше рамноправен во првото полувреме во кое речиси постојано беше во водство кое најмногу изнесуваше девет разлика (13-4). Најзаслужен за предност беше ветеранот Александар Костоски кој во првите 20 минути постигна 16 поени со четири тројки од пет шута иако Пелистер на голем одмор замина со „само“ +4 (43-39).

Домаќините ја имаа предноста до средината на третата четвртина, а потоа целосно се смени сликата. МЗТ Скопје направи серија од 16-1 и од 50-56 отиде на 66-57 за потоа само рутински да го сочува водството и да ја прослави победата која му донесе нова титула. Пелистер се обиде со удари од дистанца, но најголем дел од обидите беа непрецизни.

Баковиќ и Гилон со по 15 поени беа најефикасни во победничкиот тим, а по 11 постигнаа Делалиќ и Петков. Мијовиќ и Костоски постигнаа по 19 поени за Пелистер.