Најголемиот македонски кошаркарски глобтротер се „скраси“ во – Куманово!

Поранешниот европски шампион во сите младински селекции на СР Југославија и Србија и Црна Гора, Ненад Зивчевиќ, кој важи за најголем македонски кошаркарски глобтротер со оглед што низ кариерата играше за двоцифрен број странски клубови, реши да се врати во домашното првенство и тоа во дресот на Куманово.

Искусното крило (34 години), кој е син на поранешниот прославен ас на Работнички и и МЗТ, Војислав Зивчевиќ, сезоната ја почна во дресот на Телеком Египет, по што имаше понуди од повеќе македонски екипи, од кои на крајот се реши за таа на кумановци. Низ богатата интернационална кариера играше за Слога Краљево, Политехника (Украина), Сундсвал (Шведска), Ал Араби (Катар), Ал Хочеима (Мароко), Далиа Спортиве (Тунис), Александрија (Египет), Ал Дарфа и Ал Шрук (ОАЕ). Во Македонија, пак, има настапувано за МЗТ Скопје, Лирија, Работнички и Струмица. Тој е роден во Скопје, но поради настапот за северниот сосед во младинските категории, не можеше да игра за македонската репрезентација.

Зивчевиќ се очекува да биде големо засилување за Куманово, кој на стартот на сезоната има две победи и еден пораз.