МЗТ Скопје вечерва ги „запали моторите“ за пеколната сезона на три фронта!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ги почнаа подготовките за новата сезона, во која македонскиот шампион го очекуваат предизвици на три фронта – домашната Суперлига, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.

Тренерот Васко Атанасов го одржа првиот тренинг со кошаркарите кои во моментов му се на располагање, со што сино-белите и официјално ја означија првата фаза од подготовките за исклучително напорната сезона. Амбициите на аеродромци и овој пат се највисоки. Целта е продолжување на доминацијата на домашната сцена со освојување на трофеите, но и што подобри настапи во регионалното и европското натпреварување. Посебен предизвик ќе биде ФИБА Еврокупот, во кој МЗТ Скопје се враќа по пауза од 25 години.

Екипата до крајот на август ќе тренира во Скопје, по што ќе замине на тренинг-камп во Гевгелија. Во подготвителниот период се планирани и повеќе контролни натпревари преку кои стручниот штаб ќе ја темпира формата и ќе се обиде да ги воигра новите засилувања со староседелците. На првиот тренинг беа капитенот Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, Лука Стојановски, Никола Василевски, Петар Бошалески, Бојан Величковски, Американците Ноа Фарахан и Лесли Ворнер, српскиот интернационалец Димитрије Николиќ и Босанецот Емир Крајиниќ. Со првиот тим тренираше и еден од најталентираните кошаркари од младинската школа на МЗТ, 15-годишниот Давид Петковски.

Првата официјална обврска за МЗТ Скопје е предвидена за крајот на септември, кога актуелниот шампион ќе ги одмери силите со Куманово во Суперкупот на Македонија.