Шок во српската кошарка: Никола Калиниќ ја заврши кариерата!
Калиниќ ќе остане во Црвена звезда, но во нова улога, како помошник тренер во стручниот штаб.
„Луѓе, ја завршувам кариерата. Станувам помошник тренер во Звезда. Поради животната ситуација сакам да бидам блиску до Белград. Ви благодарам на сите што бевте дел од ова лудо патување“, напиша Калиниќ.
Во последниот период се шпекулираше дека тој не е во плановите на новиот тренер Ибон Наваро, а неодамна се појави и информација дека за неговите услуги е заинтересирана Војводина од Нови Сад.
Сепак, освојувачот на Евролигата и освојувач на медали со репрезентацијата на Србија одлучи кариерата да ја заврши на 35-годишна возраст.
Калиниќ потекнува од школата на Спартак Суботица. Во Србија, покрај Црвена звезда, настапуваше и за Нови Сад, Војводина и Раднички Крагуевац. Најголемите успеси ги оствари во дресот на турски Фенербахче, а пред повторно да се врати во Звезда, играше во Шпанија за Валенсија и Барселона.
Фото: ФИБА