МЗТ Скопје со клупски поентерски рекорд го збриша Чаир 2030!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва, без никакви проблеми, ја одработија задачата на гостувањето против Чаир 2030 (79-113) во последниот меч од 18. коло од Првата лига.

Аеродромци со овој триумф повторно се осамија на лидерската позиција на табелата со скор 16-2, односно со една победа повеќе во однос на Пелистер. Разликата во квалитет помеѓу двата тима беше огромна, па единствена енигма беше конечната позитива во корист на шампионот.

Двоцифрени кај „металците“ беа Страхиња Миќовиќ со 24 поени и седум скока, Кеандре Кук со 16 поени, Александар Бурсаќ и Андреј Андоноски со по 13 поени и Дамјан Робев со 11 поени во ситуација кога поголем дел од носителите на играта добија (по)мала минутажа. Давел Роби и Јусуф Мохамед со по 16 поени беа најпрецизни кај чаирчани.

Ова беше своевидно загревање за МЗТ Скопје, кој вечерва постигна најмногу поени на средбите оваа сезона, во пресрет на можеби клучниот меч за опстанок во АБА, саботното гостување кај директниот ривал, Борац Чачак.