Последна шанса за Вардар да преживее во Лигата на шампионите
Двата тима се сретнаа и минатата недела во Скопје, кога Висла Плоцк славеше со 32-26. Полскиот состав ја искористи својата шанса и со сигурна игра стигна до значајна победа на гостински терен.
Сега Вардар го очекува уште потешка задача, бидејќи ќе игра пред навивачите на противникот во „Орлен арената“. Сепак, тренерот Иван Чупиќ верува дека неговиот тим може да одигра многу подобар натпревар и покрај тоа што Висла повторно ќе ја има фаворитската улога.
„Секогаш кога ќе загубите натпревар, јасно е дека можете и морате да бидете подобри. Висла беше фаворит во Скопје, а ќе биде уште поголем фаворит кога ќе играме на нивниот терен. Не мислам дека пред нашите навивачи одигравме толку лошо како што можеби изгледаше поради доминацијата што ја покажа Висла. Го анализиравме натпреварот и сигурно има простор за подобрување во нашата игра, како во одбраната така и во нападот. Верувам дека со добра енергија и поголема самодоверба можеме да одиграме силен и квалитетен натпревар“, изјави Чупиќ.
Токму подобрувањето на играта во двата правци ќе биде еден од главните предуслови за Вардар да остане конкурентен во Полска. Македонскиот тим ќе мора да ги намали техничките грешки, да биде поцврст во одбраната и да ги искористи своите шанси во нападот доколку сака да ѝ парира на Висла. Полскиот тим располага со квалитетен и искусен состав, а домашниот терен дополнително ја зголемува неговата предност. Сепак, Чупиќ очекува неговите ракометари да покажат поголема самодоверба и да одговорат на предизвикот со максимална енергија и борбеност.
За Вардар ова е важен натпревар во продолжението од групната фаза на Лигата на шампионите. Останатите три екипи во групата имаат по четири бода и евентуален пораз на Вардар вечерва ќе значи крај на сите надежи за пласман во следната фаза од елитното натпреварување. Претходно македонскиот првак доживеа минимални порази од Мелзунген и Нант, па нема право на кикс во следните три меча иако и со три победи на нив, не е сигурно дека ќе продолжи понатаму.