МЗТ Скопје се засили со плејмејкер кој лани имаше договор со – Орландо Меџик!

Последниот ден од јули го донесе второто странско засилување за МЗТ Скопје во пресрет на новата сезона и тоа Американецот Хасани Гравет (24 год, 188 см), кој денеска потпиша едногодишен договор со актуелниот македонски шампион.

Станува збор за квалитетен плејмејкер, кој лани во август потпиша договор со НБА-екипата на Орландо меџик, за која, сепак, не заигра, со оглед што веднаш беше префрлен во филијалата на овој тим во развојната Џи-лига, Лејкленд меџик. Во втората по квалитет професионална лига во САД, Гравет просечно реализираше 11,7 поени со 4,1 скок и 3,4 асистенции. Претходно, универзитетската кариера ја почнува во Пенсакола стејт, од каде што по една година преминува во Јужна Каролина колеџот, со кој веќе во првата сезона доаѓа до фајналфор-турнирот во престижната НЦАА-лига. Негови главни оружја се брзината, агресивноста, одличниот преглед на играта и шутот за три поени.

Гравет е второто странско засилување за тимот од Аеродром во пресрет на новата сезона, по продолжувањето на договорот со Феми Олуџоби. Тренерот Ѓорѓи Кочов во моментов на располагање има и шест македонски репрезентативци и тоа Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ и Филип Бакоч.