МЗТ Скопје го комплетира квартетот странци со - центар од САД!

Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, го ангажира и четвртото странско засилување пред новата сезона, откако денеска потпиша договор со Американецот Еван Максвел (27 год, 209 см).

Станува збор за центар, зад кого се три сезони во европската кошарка во кои остварува двоцифрен поентерски учинок.

„Максвел се снаоѓа одлично во играта „два на два“, не му е проблем да погоди тројка, а кога е во рекетот акциите речиси редовно ги завршува со забивање“, велат „металците“ за својот нов кошаркар.

Американецот минатата сезона ја мина во украинскиот тим Запорожје, каде што на 24 средби просечно реализираше 11 поени со 6,7 скока, додека претходно настапуваше за британскиот прволигаш Њукасл Иглс и за словачкиот тим БК Списка со просечна реализација на 13 поени со 6,4 скока односно 15,6 скока со 7,5 скока. Во МЗТ ќе настапува заедно со сонародниците Мајк Кафи и Бре Ајви, како и со српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ.

Од македонските кошаркари, аеродромци договорни обврски имаат потпишано со Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев како и со тројцата младинци - Димитар Иванов, Марко Спасовски и Бојан Величковски.