МЗТ се засили со еден од најталентираните македонски кошаркари!

МЗТ Скопје полека го комплетира ростерот за новата сезона, откако денеска договори соработка со еден од најталентираните македонски кошаркари, Андреј Андоноски (20 год, 203 см), кој потпиша тригодишен договор со актуелниот шампион.

Станува збор за крилен центар, кој веќе има пет средби одиграни за најсилниот состав на жолто-црвената селекција. Претходно беше еден од лидерите на кадетската, јуниорската и на младинската репрезентација, со која летово настапи на Европското првенство (ЕП), дивизија Б во Тбилиси.

„Од Андоновски очекуваме да биде еден од предводниците на МЗТ Скопје во идниот период, односно достоен наследник на генерациите кои досега доминираа во макбаскетот носејќи го сино-белиот дрес“, велат од „Јане Сандански“.

Тој е десеттиот кошаркар со кој во моментов располага тренерот Александар Петровиќ, по Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Американците Бре Ајви, Мајк Кафи и Еван Максвел, како и српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ. Тука се и талентираните Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.