
МЗТ рутински го преслуша Феникс и драстично му ги намали шансите за плејоф!
Неизвесноста траеше само во почетните неколку минути, кога домаќинот поведе со 9-6, што како да го налути шампионот. Аеродромци вратија со серија 17-3 и првпат дојдоа до двоцифрена предност, која потоа само умешно ја одржуваа без воопшто да форсираат. Сино-белите пред крајот на првото полувреме водеа и со плус 19 (46-27) што донесе мало опуштање и намалување на брзината. Феникс тоа го искористи па ја намали негативата за да дојде до колку-толку пристоен пораз.
Дион Едвин беше убедливо најдобар кај МЗТ со учинок од 21 поен и девет скока, додека Андреј Магдевски постигна 16 поени со пет скока и шест асистенции, а Милош Копривица имаше 15 поени со седум скока и пет асистенции. Британецот Тим Адетукаси и Благој Димитриев со по 15 поени беа најпрецизни во поразениот тим. МЗТ Скопје сега со скор 16-5 само го потврди првото место на табелата, додека Феникс има скор 10-11 и се уште нема сигурен пласман во плејофот, за кој е во борба со Чаир 2030 и Тиквеш за двете последни места во доигрувањето.