МЗТ остана без уште еден Американец: Ајви се пресели во Полска (ФОТО)

Екипата на МЗТ Скопје останува без втор американски кошаркар во кратко време, откако по прекинот на соработката со Еван Максвел, кој не задоволи со својата игра, сино-бели таборот го напушти и Били Реј Ајви.

Плејмејкерот ја искористи можноста во договорот за раскин на соработката до крајот на годината и реши кариерата да ја продолжи во Полска, нешто налик на ситуацијата што аеродромци ја имаа пред една година со Дастин Вер. Ајви веќе е претставен како ново засилување на полскиот тим Чарни Слупск, каде што заминува по девет средби одиграни за МЗТ во регионалното натпреварување со просек од 9,9 поени, 3,7 скока и 2,6 асистенции.

Македонскиот првак сега останува со тројца странци и тоа Страхиња Миќовиќ, Александар Бурсаќ и Мајк Кафи, но се очекува наскоро да се засили со уште најмалку еден интернационалец.