„МЗТ не е виновен што Пелистер се води лошо од врвот - време е тие да одговараат!“

Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје се огласи со официјално соопштение по вчерашниот натпревар против Пелистер во Битола, кој „штрковите“ го добија со 72-67, а воедно е и контра-одговор на противничкото соопштение во кое ги нападнаа судиите за поразот.

Во реакцијата се посочува дека во изминатиот период во македонската кошарка, особено во Битола, се случуваат настани кои, како што се наведува, го нарушуваат спортскиот дух и фер-плејот. Според клубот од „Јане Сандански“, наместо развој и стабилност, во последните години се создава атмосфера на поделби, притисоци и обиди вината за резултатите да се префрли врз судиите, противниците или федерацијата.

„Главниот проблем не е во другите, туку во политиките и одлуките што се носат во самиот клуб. Наместо спортска култура и одговорност, се создава амбиент на страв, суета и лични интереси, што му штети на спортот и на Битола, град со богата традиција“, стои во соопштението.

Од МЗТ наведуваат дека и на вчерашниот натпревар сведочеле на, како што велат, „притисоци и нервоза уште пред првиот свиреж“, што дополнително ја нарушува сликата за кошарката како фер и коректна игра.

„Нашиот клуб, играчите и навивачите нема да дозволат нарушување на угледот и достоинството. Ние не сме третокласен клуб и нема да дозволиме некој да се однесува навредливо кон луѓе кои чесно ја претставуваат државата“, пишува во реакцијата.

Во заклучок, МЗТ Скопје повикува на смирување на тензиите и враќање кон спортските вредности.

„Македонската кошарка заслужува чиста игра, чесност, визија и заедништво. Време е одговорноста да ја понесе оној што ја создава атмосферата на конфликти“, порачуваат од клубот.