МЗТ моќно го „прегази“ Кожув, Вардар победнички се врати во елитата!

Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, лесно и убедливо ја почна новата прволигашка сезона, откако вечерва, како гостин, буквално го прегази Кожув (86-64).

Дилемите околу побдникот беа решени по првите шест минути, кога на семфарото стоеше резултат 21-3 во корист на составот од Аеродром. Гевгеличани не знаеја што ги снајде, особено по канонадата тројки на „металците“ во овој дел од натпреварот (постигнаа четири). Разликата само се зголемуваше речиси од минута во минута, за највисоки плус 32 во третиот период (72-40), кога гостите го намалија ритамот со цел да не потрошат непотребно енергија кога бодовите веќе беа осигурени.

Тренерот на аеродромци, Васко Атанасов, ја искористи можноста рамномерно да ја распредели минутажата на сите кошаркари во составот, со цел да не ги премори со оглед што ги чека дуел против Гостивар веќе в среда, а потоа и првиот турнир од АБА2-лигата следниот викенд во Суботица. Душан Танасковиќ со 17 поени и седум скока беше најпрецизен кај МЗТ, додека двоцифрени беа Марко Баковиќ со 12 поени и седум скока, Седрик Расел со 11 поени и седум скока, и Бојан Крстевски и Дамјан Робев со по 10 поени. Колин Слејтер со 16 поени беше најпрецизен кај Кожув.

Сезоната со победа ја почна и повратникот во елитата, тимот на Вардар, кој по голема борба на домашен терен го совлада дебитантот во првата лига, ГКК Охрид (90-83). Пред три дена, Работнички и Чаир 2030 беа убедливи против ТФТ (73-56) односно Феникс (93-72), додека утре играат Гостивар против Пелистер (18 часот) односно Академија ФМП против Еуро Никел (20 часот).