
МЗТ и ТФТ ќе играат во натпреварување со ист чуден формат како - фудбалската ЛШ!
Новата структура предвидува учество на 16 екипи, поделени во четири групи (шешири) според квалитетот и рејтингот. Сите тимови ќе се бодуваат во единствена табела, а секој клуб ќе одигра осум натпревари во регуларниот дел од сезоната – два против екипи од сопствениот шешир и по два против екипи од останатите три шешири. Ова значи дека секој учесник ќе одигра по четири домашни и четири гостински средби во првиот круг од натпреварувањето. Важно е да се напомене дека во регуларната фаза нема да има дуели помеѓу тимови од иста држава, освен ако некоја земја има четири претставници – тогаш е дозволено едно меѓусебно национално дерби.
Пласман во плејофот ќе обезбедат најдобрите осум екипи на заедничката табела, кои потоа според формат на елиминации ќе продолжат во четвртфинале, полуфинале и финале – сите во серии од подобар од три натпревари (до две победи). Предност на домашен терен ќе имаат екипите со подобар пласман во регуларниот дел. Во случај на еднаков број победи, предноста ќе се утврдува според директниот дуел, кош-разликата во меѓусебните натпревари, вкупната кош-разлика, а на крај – со ждрепка.
Сите натпревари ќе се играат во вторник и среда, со што се заштитува календарот на домашните лиги и ФИБА прозорците за репрезентативни активности. Со оглед што, според актите, секоја од шесте држава од поранешна СФРЈ има право да пријави по две екипи, четири места остануваат слободни за заинтересираните за купување вајлд-карта по цена од најмалку 25.000 евра. Ова значи дека постои можност и за трет односно четврти претставник од Македонија, секако ако има подготвени клубови да го поднесат финансискиот товар кој го носи специјалната покана. ТФТ веќе се пријави за настап во АБА2, додека МЗТ се уште е во игра за евентуален „скок“ во елитната АБА лига, па дури ако не се оствари тоа би се пријавил за учество во ова натпреварување.