
МВР ги уапси напаѓачите на кошаркарот на Куманово – сакале да му го соблечат дресот!
Дел од навивачите на Куманово влегоа во терен и го нападнаа нивниот кошаркар, Тадија Тадиќ, од кого побараа да го соблече дресот на нивниот клуб, најверојатно незадоволни од неговото незалагање. Тоа донесе хаос на паркетот и реакција на полицијата, која веднаш привела двајца од напаѓачите.
„Полициски службеници од СВР Куманово на 17 мај во 20 часот ги лишија од слобода А.Ј.(36) и Д.С.(29), двајцата од Куманово. На полувреме на кошаркарскиот натпревар од кошаркарската супер лига помеѓу екипите на МКК Куманово од Куманово и МЗТ од Скопје во спортската сала на средното училиште 'Перо Наков' тие се обиделе да нападнат играч од домашната екипа и да му го соблечат дресот. Тие се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава“, се вели во извештајот во билтенот на МВР.
Куманово се соочува и со голема казна од МКФ и подолга суспензија на теренот, особено што ова е втор ваков инцидент во кратко време, поради што овој тим средбите од четврт-финалето против Кожув ги играа пред празни трибини.