МКФ во мало: Темелковски, Цветковски и браќата Наумоски ќе играат во дресот на Вардар!

По скоро едномесечната зимска пауза, кошаркарската елита викендов се враќа во салите со средбите од првото коло од вториот дел од сезоната во Првата лига во кои две екипи ќе влезат (по)сериозно засилени – Вардар и Кожув.

Црвено-црните во продолжението од шампионатот влегуваат со дури пет нови имиња и тоа со по еден кошаркар од водечките на табелата Работнички и Блокотехна, двајца од Галатасарај, како и со еден Американец. Станува збор за македонскиот јуниорски репрезентативец Славчо Темелковски, поранешниот член на младинскиот национален тим Андреј Цветковски, браќата Михаил и Адриан Наумоски како и Ник Тарнер, доскорешен кошаркар на австриски Грац. Новите домашни засилувања за вардарци имаат добро познати презимиња за тие што ги следат кошаркарските прилики, со оглед што станува збор за двајцата синови на претседателот на МКФ, Петар Наумоски, кои се враќаат по полусезона мината во Турција, братот на спортскиот директор Владимир Темелковски и синот на комесарот за натпреварување, Владдимир Цветковски.

Гевгеличани, пак, во борбата за место во Суперлигата ќе влезат со две нови имиња и тоа Србинот Игор Кесар (26 год., 210 см), кој доаѓа од таборот на унгарски ПВСК, како и Американецот Деонта Вилијамс (24 год, 190 см.), доскорешен играч на Спартак од Суботица.

ДВОЈКИ (12. КОЛО): Пелистер-Фени И. (сабота, 14 часот), Куманово-Вардар (сабота, 18 ч.), Кожув-Гостивар (сабота, 18 ч.), МЗТ Скопје-Блокотехна (недела, 19 ч.), Работнички-АВ Охрид (среда, 18 ч.).