Дино Боцевски повикан да ја „откачи“ Србија и пак да игра за Македонија!

Веста дека еден од најталентираните млади кошаркари кај нас, Дино Боцевски, тренирал за селекцијата на Србија предизвика бура во спортските кулоари кај нас, уште повеќе што неговиот татко, поранешниот репрезентативец Душан Боцевски, изјави дека неговиот син во иднина ќе игра за селекцијата на северниот сосед.

Играчите на италијанска Стела Азура во минатото во повеќе наврати настапуваше за Македонија, но со оглед што сѐ уште нема наполнето 16 години според правилата на ФИБА може без проблеми да направи репрезентативен трансфер. Но и покрај ова, челниците на МКФ немаат намера така лесно да се откажат од големиот талент, нешто што пред неколку дена го најави и првиот човек на Куќата на кошарката, Петар Наумоски.

Поради тоа, Дино Боцевски се најде на списокот репрезентативци на селекцијата до 15 години, која викендов ќе тренира заедно во спортската сала „Кале“ во Скопје. Селекторот Денис Дервишевиќ го вклучи неговото име заедно со 17 други врсници со цел да ѝ покаже на јавноста, но и на самиот талент дека неговото место е во жолто-црвениот дрес во кој и тој самиот настапувал, исто како и неговите татко Душан и чичко Илија Боцевски.

Кошаркарот на Стела Азура доаѓа од можеби најкошаркарското семејство во Македонија, со оглед што и неговиот дедо Владимир Боцевски е поранешна легенда на Работнички и еден од пионерите на овој спорт во нашата земја.

СПИСОК НА РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ: Марин Петков, Михаил Наумовски, Павел Атанасов, Тино Богатиновски, Дамјан Гацов (Вардар), Мирослав Ѓорѓевиќ, Давид Трпески, Гораст Величковски, Амар Хот, Андреј Митревски, Теон Богатиновски (Феникс 2010), Резарт Мемед (Шкупи), Филип Наков, Никола Василевски (Водно санс), Кршеван Кларица (Задар), Дино Боцевски (Стела Азура), Антонио Софрониевски (МЗТ Скопје), Илија Мирков (Фени И.).