„Дино има српски корени и затоа прифати да игра за Србија!“

Појавата на фотографијата на Дино Боцевски, еден од најталентираните македонски кошаркари, во дресот на Србија предизвика бура од реакции во кошаркарските кругови, пред сѐ поради неговиот потенцијал, но и фактот што доаѓа од можеби најкошаркарското семејство кај нас.

Неговиот татко Душан долги години настапуваше за Македонија и беше член на првата жолто-црвена селекција уште при нејзиното формирање во 1993 година додека дедо му Владимир е поранешна легенда на Работнички и тоа од најромантичниот период на овој клуб во шеесетите и седумдесетите години од минатиот век. Повеќе од солидно педигра има и чичкото на Дино, Илија Боцевски.

Токму поради ова го исконтактиравме Боцевски сениор за од прва рака да ја дознаеме причината за овој потег на неговиот 15-годишен син.

„Нема никаква драма во оваа ситуација, без разлика некој некој можеби сака тоа да го прикаже така. Дино веќе две години има српски пасош добиен по мајчина линија, поради што пред извесно време бевме контактирани од кошаркарската федерација на Србија за евентуален негов настап за оваа држава. Како семејство поразговаравме на оваа тема, ги разгледавме сите опции, но на крај Дино реши дека за него ќе биде подобро ако игра за селекцијата на северниот сосед. Тоа е реалноста, без никакви задкулисни игри, проблеми, недоразбирања или не знам какви работи кои сигурно кружат во кошаркарските кулоари“, изјави за „Спорт1“ еден од најдобрите центри на сите времиња во македонската кошарка.

Фактот што во изминатиот период 15-годишниот талент настапувал за Македонија не би требало да биде проблем за Боцевски јуниор во иднина да настапува за Србија.

„Колку што ги знаеме прописите и ни беше кажано, досегашните настапи на Дино за македонската селекција влегуваат во категоријата неофицијални. Во системот на ФИБА се влегува со настап за кадетската репрезентација односно селекцијата за кошаркари до 16 години. Дури тогаш на еден играч му се одредува кошаркарското државјанство. Тоа значи дека Дино може без проблеми да продолжи да игра за српската национална селекција без разлика што претходно играл за Македонија“, објаснува Душко Боцевски.

Кошаркарот на италијанска Стела Азура долго време бил следен од српските стручњаци за младинска кошарка поради што веднаш бил кооптиран во две селекции – за играчи до 15 и до 16 години.

„Денеска се враќаме од Белград каде што изминативе денови Дино беше на тренинзи со У-15 селекцијата на Србија. Нѐ информираа дека тој е во комбинација и за повозрасната кадетска репрезентација која летово ќе настапи на Европско првенство, но поради обврските во Италија поверојатно е дека ќе се фокусира на настап за помладиот состав кој влегува во систем подготовки за да настапи на кадетски шампионат следното лето. Ова е решение кое го донесовме заедно со Дино, стоиме позади тоа и се надеваме дека истото ќе биде прифатено и од спортската јавност кај нас. Едноставно, тој има српски гени од мајчина страна и не гледам зошто некој би имал проблем со неговата одлука“, завршува Боцевски сениор.

Фактот дека Дино Боцевски без проблеми би можел да заигра за Србија и покрај настапот во дресот на Македонија го потврди и претседателот на МКФ, Петар Наумоски. Истовремено, тој потенцира дека ќе даде сѐ од себе да го задржи големиот талент односно ќе проба да ја смени неговата одлука колку и да ја разбира истата како родител.