Македонија губи голем талент: Синот на Душан Боцевски заигра за Србија! (ФОТО)

Македонската кошарка би можела да остане без еден од своите најперпективни таленти во моментов, откако стана вирална информацијата дека 15-годишниот Дино Боцевски заиграл во дресот на Србија.

Станува збор за член на кадетската репрезентација на Македонија, кој лани настапи во жолто-црвениот дрес на турнирот „Словенија бол“во Словењ градец, а кој од пред извесно време е член на италијанската спортска академија Стела Азура. За неговиот „пребег“ во северното соседство засега нема детали освен неговата фотографија објавена синоќа во дресот на Србија како и коментарите под неа дека Боцевски јуниор веќе избрал во иднина намести за македонската да настапува за српската селекција.

Ова би можело да биде голем удар за нашата селекција и поради талентот на Дино и неговата блескава преспектива, но и поради фактот што тој доаѓа од кошаркарско семејство кое и тоа како оставило белег во македонската кошарка. Неговиот дедо Владимир е поранешен кошаркар на Работнички и еден од основоположниците на овој спорт кај нас од најромантичниот период на клубот од „Градски парк“. Татко на потенцијалниот нов репрезентативец на Србија, пак, е Душан Боцевски, еден од најдобрите македонски центри на сите времиња, за кого е бројни настапи за македонскиот национален тим. Тој беше еден од пионерите и дел од првата репрезентација која во 1993 година настапи на квалификациите за ЕП истата година во Вроцлав, каде што морал да игра со бојадисани патики само за да настапи во дебито за самостојна Македонија.

Поради сето ова, зачудува одлуката неговиот син, а внук на популарниот Жмара својот кошаркарски век да го продолжи настапувајќи за репрезентација на држава со која и немаат голема конекција, освен фактот што таа е далеку подобар од македонската. Сега на потег е и Македонската кошаркарска федерација (МКФ) да се бори за малиот Дино, односно да проба да го задржи во жолто-црвениот дрес каде што тој и природно припаѓа.