Наумоски: Немоќни сме без помош од државата!

Веста дека еден од најголемите таленти во македонската кошарка, 15-годишниот Дино Боцевски, настапил за селекцијата на Србија делуваше изненадувачки и за претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Петар Наумоски, кој најави користење на сите ресурси за негово задржува во жолто-црвениот дрес.

Предводникот на макбаскетот, сепак, е свесен дека тоа нема да биде лесна задача, првенствено поради актите на ФИБА кои велат дека секој кошаркар пред да наполни 16 години може да реши за која држава сака да настапува, но и поради далеку подобрите услови кои талентите може да ги добијат од другите федерации.

„За случајот со Дино Боцевски сум запознаен само од медиумите, бидејќи до нас официјално не е дојдена никаква информација ниту, пак, барање за негов настап за Србија. Тој беше третиран како еден од идните големи таленти за нашата кошарка, имаше идентични услови како и сите негови репрезентативни колеги, а беше и повикан во повозрасна селекција каде што играше речиси 20 минути во просек. Наша интенција е да им овозможиме сѐ што можеме на нашите таленти, услови за тренинг, можност за напредување и одмерување сили со квалитетни противници. Но, на крајот на нив е да решат што и како ќе прават во кариерата, особено кога сѐ уште немаат наполнето 16 години. МКФ дефинитивно ќе стори сѐ за да го задржи Дино во жолто-црвениот дрес, ќе седнеме да разговараме и со него и со неговите родители, но свесни сме дека нашата понуда никако не може да биде атрактивна како таа на Србија или на некоја друга пореномирана и побогата репрезентација“, ни изјави Наумоски.

Наумоски истовремено вели дека делумно ги разбира желбите на младите кошаркари, но и на нивните родители кои преку своите синови бараат можност за подобрување на животите. Според него, МКФ сама е немоќна во борбата за овие таленти и дека во битката треба да се вклучи и државата.

„Како родител ги разбирам сите што размислуваат на начин како семејството Боцевски, но на крајот сѐ се сведува на личните чувства и одлуки. Јас во 1991 година на маса имав понуда да играм и за Србија и за Хрватска, со далеку подобри услови и можности за напредување, но решив да играм за Македонија. Така и овие деца мора во еден момент да направат слична одлука, која ќе ги следи до крајот на животот. Нам од федерацијата ни се врзани рацете во можноста да им понудиме нешто повеќе поради нивниот талент и без помош на државата сигурно во иднина ќе имаме повеќе случаеви како овој со Дино. Но, ако со заеднички сили, со нашето стручно знаење и со финансиската моќ на државата, креираме протокол за третирање на спортистите за кои сметаме дека во иднина ќе бидат вистински репрезенти на Македонија, тогаш ваквите ситуација би можеле да ги избегнеме. Ако на идните ѕвезди уште од најрана возраст им понудиме солидни стипендии, услови за развој, проекти за квалитетно школство, па и со ветување на кров над глава во одредени ситуации, тогаш тие би подразмислиле дали ви сакале да си заминат. Тоа е единствениот начин за подобрување на македонската кошарка бидејќи во спротивно ќе ни се случи егзодус ама на баш сѐ што е квалитетно во нашата земја“, дополнува популарниот Пеце.

Дино Боцевски, кој е син на поранешниот репрезентацивец Душан и внук на поранешната легенда на Работнички, Владимир, кариерата ја почна во Јуниор, а во моментов настапува за италијанска Стела Азура.