Кејн откри зошто го промашил пеналот, соиграчите застанаа во негова одбрана!
Тој при водство на својот тим пропушти можност од белата точка да го реши прашањето на победникот, по што противникот направи целосен пресврт и ги однесе бодовите. Натпреварот започна одлично за „Гордиот Албион“, откако Ентони Гордон ја затресе противничката мрежа за почетно водство. Самиот Кејн подоцна го постигна вториот погодок за предност од 2-1, но клучниот момент кој целосно го промени текот на средбата се случи во 53. минута. Англискиот напаѓач презеде одговорност да изведе удар од единаесет метри, но при залетот загуби рамнотежа, по што топката наместо во мрежата заврши во пречката.
„Одигравме навистина одличен натпревар, но Шпанија не стана светски шампион за џабе. Што се однесува до пеналот... едноставно се лизнав, тоа беше лоша среќа“, изјави разочараниот Кејн.
Неговиот соиграч и стрелец на првиот гол, Гордон, не го криеше жалењето за пропуштената шанса да се сруши силниот противник. Тој потенцираше дека двата тима прикажале израмнет фудбал, но дека на вакво елитно ниво секоја грешка се плаќа прескапо и директно влијае врз конечниот епилог.
„Постои чувство дека пропуштивме огромна можност. Во вакви натпревари, грешките чинат скапо и секогаш постои чувство дека буквално ја подарувате победата. Двата тима беа подеднакво добри. Дали Англија ќе победеше ако Кејн го погодеше пеналот? Мислам да, иако е лесно да се каже тоа ретроспективно. Ќе бевме во одлична позиција, но Хари речиси никогаш не промашува, па овој пат ќе му простиме“, заклучи Гордон, застанувајќи во одбрана на својот капитен.