Македонија останува без кошаркарска иднина - сѐ што е талентирано се сели во НЦАА!

Македонската кошарка се соочува со сериозен предизвик што може да остави длабоки последици врз иднината на овој спорт, со оглед што летово се очекува вистински егзодус на најталентираните млади кошаркари, кои својата кариера ќе ја продолжат во универзитетската НЦАА-лига во САД.

Андреј Шошкиќ, Никола Јаничиќ, Павел Иванов и Дарјан Димовски се таму, додека Теодор Симиќ, Марко Луканоски и Димитар Зетов веќе потпишаа договори со американски колеџи. Во меѓувреме, од САД постои сериозен интерес за уште најмалку десетина македонски таленти. Меѓу нив се и звучни репрезентативни имиња како Андреј Митревски, Амар Хот, Марин Петков и Андреј Андоноски, но и уште неколку млади кошаркари кои блескаат во младинските категории и од кои се очекуваше да бидат носители на играта на прволигашките екипи. Станува збор за сериозен број играчи што требаше да претставуваат иднина на домашните клубови, особено во период кога е најавено намалување на бројот на странски кошаркари на тројца.

Доколку овие заминувања се реализираат, целосно или барем во поголем дел, тоа ќе биде силен удар за македонските клубови и за домашната кошарка во целина. Ќе се создаде празнина што неминовно ќе се одрази врз квалитетот на првенството и натпреварите.

Од перспектива на младите кошаркари, преселбата во САД носи можност за развој во врвни услови и финансиски бенефиции што се неспоредливо подобри од оние во македонската кошарка. Новиот т.н. НИЛ (NIL) модел им овозможува на студентите-спортисти да заработуваат значителни суми преку користење на своето име, лик и имиџ, нешто што до пред неколку години беше незамисливо во американската универзитетска кошарка. Токму таа можност е еден од главните мотиви и за македонските таленти да ја изберат НЦАА.

Трансферот на младите играчи во НЦАА не е проблем само за Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) и за нашата држава. Со истиот предизвик се соочуваат и многу поголеми кошаркарски сили како Србија, Шпанија, Италија и Грција, кои исто така ги губат своите најголеми таленти во натпреварување што сè уште не е под капата на ФИБА и не е обврзано да функционира според истите правила како остатокот од светската кошарка.

Затоа, на водечките луѓе во светската кошарка им останува што поскоро да најдат механизам за спротивставување на американската финансиска моќ и начин да ги заштитат своите национални федерации и домашни првенства, меѓу кои е и македонското.