Магдевски предвреме ќе го заврши својот втор опус во МЗТ Скопје!?

Андреј Магдевски минатото лето потпиша двегодишен договор со МЗТ Скопје по релативно солидна сезона одиграна во романскиот тим Плоешти, но неговиот втор престој во Аеродром најверојатно ќе биде далеку покус од планираното, со оглед на најавите за денешен раскин на соработката на двете страни.

Македонскиот репрезентативец се уште е член на сино-белите, но најверојатно од утре ќе биде слободен да избере нова средина за настап. Магдевски некако не успеа да му се наметне на тренерот Александар Петровиќ, па често беше осми-деветти кошаркар во ротацијата, што најверојатно не ги задоволи неговите очекувања. Тој на седум меча во АБА-лигата просечно играше по 17 поени со просек од 4,9 поени, 2,7 скока, 5,4 асистенции. Погоди само два од вкупно 12 шута за тројка за овие натпревари, а со него во петорката МЗТ Скопје просечно бил во негатива од шест поени.

Плејмејкерот претходно три години настапуваше за шампионот и тоа во периодот помеѓу 2018 и 2021 година, кога дојде до две титули првак на Македонија (2018 и 2021), а пред две сезони беше избран за МВП на финалната серија. Претходно има играно за младинските селекции на Реал Мадрид и Партизан, за кого одигра и неколку меча во сениорскиот тим, како и за Фени индустри и за Гостивар.