Луд меч во „Младост“: Гостивар со спектакуларен пресврт го „прелета“ Кожув!

Кошаркарите на Гостивар се нови лидери на табелата во Првата лига, откако вечерва, во последниот меч од 5. коло, во луд меч го совладаа директниот конкурент за највисок пласман, тимот на Кожув (81-71).

Гостиварци одиграа неверојатно и со фантастична игра во второто полувреме направија огромен резултатски пресврт и тоа по највисоката негатива која ја имаа на истекот од последната минута од третиот период (47-59). По овој момент, домашните постигнаа дури 24 поени во низа, по што тие дојдоа до идентична највисока предност од 12 поени. Гостите од Гевгелија како да не беа истиот тим од претходно, грешеа премногу и на крајот мораа да го напуштат теренот со наведнати глави.

Двете екипи имаа пех на почетокот од натпреварот, со оглед што во првите три минути прво се повреди центарот на Кожув, Томас Зданавичиус, а потоа и плејмејкерот на Гостивар, Александар Костоски. Двајцата потоа не се вратија во игра, а најавите се дека подолг период ќе бидат отсутните од паркетот.

Најзаслужен за триумфот на домашната екипа беше Американецот Донован Доналдсон, кој одигра како во транс, особено во периодот кога се кршеше резултатот кога постигна три тројки во низа. Тој средбата ја заврши со 31 поен (четири тројки) и шест скока, а веднаш зад него беа Ѓорѓе Џелетовиќ со 17 поени и Арсение Вучковиќ со 10 поени и 12 скока. Еван Пејн со 23 поени беше најпрецизен кај гостите.

Претходно денеска, Еуро Никел без никакви проблеми, како гостин, ги совлада младите кошаркари на МЗТ Скопје УНИ Банка (96-61). Вчера, пак, Куманово беше подобар од Вардар (81-70), МЗТ Скопје во финишот извлече победа против Пелистер (89-84) во Битола, додека дебитантот Академија ФМП направи огромна сензација победувајќи го пред своите гледачи големиот Работнички (87-83).

ТАБЕЛА: Гостивар 4-1, Еуро Никел 4-1, Работнички 4-1, МЗТ Скопје 4-1, Кожув 3-2, Куманово 3-2, Пелистер 1-4, Вардар 1-4, Академија ФМП 1-4, МЗТ Скопје УНИ Банка 0-5.