Куманово им направи услуга: На Пелистер му се смешка првото место пред плејофот!

Кошаркарите на Пелистер се на добар пат првпат во историјата регуларниот дел од првенството да го завршат како првопласирани, откако Куманово вечерва одигра за нив и во Аеродром го совлада МЗТ Скопје (83-76) со што им направи – ептен голема услуга.

Битолчани утре, на домашен терен, ќе ги одмерат силите со Работнички и за да ја задржат лидерската позиција, на која се наоѓаат во најголем дел од сезоната, ќе им биде доволен и пораз од најмногу 23 поени разлика. Без разлика што тимот предводен од Марјан Илиевски нема одиграно натпревар скоро 20 дена, тешко е да се очекува дека неговите избраници ќе дозволат да бидат декласирани на домашен терен, колку и да е силен противникот. Зелено-белите во моментов имаа скор 16-5, додека центарци имаат 15-6, поради што до израз доаѓа огромната победа на Пелистер остварена во првиот меч во СРЦ „Кале“ кога го прегази Работнички со 105-81.

Поради ова, црвено-белите од „Градски парк“ се надеваа дека МЗТ ќе го добие мечевите со Куманово и со Црн Дрим и ќе дојде до скор 16-6, па со победа во Битола да се направи круг од трите тима со идентичен учинок во кој тие ќе бидат најдобри. Причина за таквата математика би бил фактот што двапати го победија големиот скопски ривал, додека Пелистер и МЗТ имаат по една победа во меѓусебните дуели. Во таква ситуација, центарци би имале три, битолчани две, а аеродромци една победа, но тоа, за жал на екипата предводена од Димитар Мираковски, не се случи.

Од останатите тимови, јасно е само дека Еуро Никел ќе биде четврти, под услов МЗТ Скопје да дојде до планираните бодови против аутсајдерот Црн Дрим во задутрешниот меч во Струга, а Академија ФМП дека ќе биде осма. Останатите места ќе бидат пополнети од Куманово, Гостивар и ТФТ, ама според кој редослед ќе решат последните средби помеѓу Гостивар и ТФТ (утре) односно Куманово и Вардар (петок).