Кошаркарите на Македонија и во иднина ќе ги гледаме само на Спортклуб

Водечката медиска компанија во регионот „Јунајтед Медија“, денеска објави дека ги купила правата за емитивање на средбите во организација на ФИБА за териториите на Србија, БиХ, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Грција, Кипар, Бугарија и на Македонија.

Тоа значи дека трендот на кој сме сведоци во последниот период, ќе продолжи и во следните неколку години, а тоа е дуелите на жолто-црвените наместо на Македонската телевизија (МТВ) или некоја друга национална домашна телевизија ќе ги гледаме на каналите на Спортклуб, кој е дел од оваа медиумска групација. Поголем проблем од тоа што ќе ги следиме натпреварите на странска телевизија е што мајсториите на Војдан и Дамјан Стојановски, Ненад Димитријевиќ, Бојан Трајковски, Андреј Магдевски и останатите ќе ни бидат пренесени на српски или хрватски јазик. Тоа и не е баш мал проблем, со оглед што за помладите генерации овие два некогаш братски јазици од поранешната заедничка држава е дури и поголема енигма и непознаница од англискиот јазик, кој го говорат идентично добро како македонскиот.

Прва следна прилика во која Македонија ќе ја гледаме на Спортклуб наместо на македонската телевизија е веќе во август, кога избраниците на новиот селектор, Драган Бајиќ, ќе настапат во претквалификациите за СП 2023 против Швајцарија и Словачка. Договорот на „Јунајтед Медија“ со ФИБА го опфажа квалификацискиот циклус за СП 2023 како и за ЕП 2025 година.