Првата лига пролонгирана, клубовите го „издишаа“ балонот на КФМ!

Новата сезона во кошаркарската Прва лига наместо претстојниов викенд ќе почне седум дена подоцна и тоа според вообичаен принцип дома-гости, а не во т.н. „балон“, на што деновиве инсистираа челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).

Ова беше решено на денешниот состанок на Здружението на прволигашите, чии одлуки само треба дополнително да бидат потврдени на Управниот одбор (УО) на Куќата на кошарката, што се очекува да биде формалност. Првенството ќе почне на 10 и 11 октомври и тоа со шест средби, додека последната, а воедно и највозбудливата помеѓу Работнички и МЗТ Скопје ќе се одигра четири дена подоцна. Причина за ова е карантинот во кој се најдоа центарци, по позитивниот тест на Ковид-19 на Американецот Демиер Питс, кој ќе им заврши дури в сабота. Малото дополнително пролонгирање на вечното дерби е за да им се овозможи на центарци да се вратат во тренажен процес и да имаат можност да се вратат во ритам по двете недели минати надвор од паркетот.

Клубовите воедно се изјаснија негативно на иницијативата на КФМ да се игра турнирски на едно место и тоа во ноември и во февруари, кога би се одиграле по 11 кола на иста локација, во период од скоро еден месец. Мнозинството прволигаши сметале дека нема потреба за таков експеримент во моментов, со оглед што нема ниту еден ваков пример во било кое домашно натпреварување во регионов, па и пошироко.

Прволигашите воедно разговараа и за протоколот за Ковид-19, па донесен е предлог, кој се надеваат дека ќе биде внесен во официјалните акти, за тоа кога и зошто би се прекинало првенството, нешто што во моментов се случува во домашниот ракомет. Мислењата на повеќемината беше дека до тројца заболени од коронавирусот во еден ист тим да се третираат како повредени, со задолжителна нивна изолација, но со продолжување на натпреварите како на тој клуб, така и на сите останати. Но, четворица и повеќе позитивни на Ковид-19 во иста екипа, автоматски ќе значи прекин на шампионатот и задолжетелен карантин за сите кошаркари од сите прволигаши.

Ова, сепак, останува да се договори со Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести, со цел да се синхронизираат протоколите, за да нема ситуации како неодамнешната со Работнички кога сите во екипата мораа да бидат изолирани за само еден заразен од коронавирусот.