КФМ закажа годишно Собрание, ама без точка за проверка на рејтингот на Антиќ!

Предводниците на Кошаркарската репрезентација на Македонија (КФМ) денеска и официјално го закажаа редовното годишно Собрание, кое ќе се одржи за точно две недели (27 октомври) и тоа без спектакуларни точки на дневниот ред.

Главна тема на разговорот на клубовите кои се тие што во принцип треба да ја креираат политиката во макбаскетот ќе бидат извештајот за работа на Куќата на кошарката во сезоната 2020/21 како и финансискиот извештај за 2020 година. Но, мора да се остави простор за некакво изненадување под точката разно, пред се во делот на евентуална проверка на довербата која претседателот Перо Антиќ ја ужива кај клубовите.

Причина за тоа е фактот што поранешната играчка легенда веќе ја мина временската граница од половина од предвидениот мандат, во која имаше загарантиран статус според Статутот односно клубовите не можеа да разговараат за негова евентуална смена. Сега, откако е надминат „заштитниот период“, членовите на Собранието би можеле да разговараат за негова (не)доверба односно да гласаат за такво нешто, секако ако за тоа постои критична маса меѓу клубовите.