Гостивар изненадувачки лесно го совлада МЗТ и осигура место во плејофот!

Кошаркарите на Гостивар и официјално обезбедија пласман во плејофот, откако денеска, на домашен терен, неочекувано лесно го совладаа МЗТ Скопје (65-51) во заостанатиот меч од 7. коло од Првата лига.

Неизвесноста во мечот постоеше само во првата четвртина, по што следуваше серија 18-2 на стартот од вториот период за убедливо водство на гостиварци (37-19). Овој тренд продолжи и во третиот дел од натпреварот, кога домаќинот дојде до највисоки плус 25 (51-26), со што беше ставен крај на сите надежи на аеродромци за некаков пресврт. Џохан Вокер со 17 поени беше најпрецизен кај Гостивар, додека Ивица Димчевски постигна 11 поени, а Бојан Крстевски со 13 поени беше најефикасен кај МЗТ.

Победа остварија и кошаркарите на Еуро Никел, кои на домашен терен го преслушаа Кожув (84-75), со што останаа во игра за едно од првите места на табелата, а истовремено ги турнаа гевгеличани во битката за опстанок.