Гапиќ: Во Градски парк треба да има една фотелја и на неа да пишува Лазар Лечиќ

Денеска во хотелот „Александар Палас“ се одржа комеморацијата по смртта на основоположникот на македонската кошарка Лазар Лечиќ.

На неа зборуваа неговите долгогодишни пријатели Драган Радосављевиќ и Зоран Гапиќ, поранешниот македонски репрезентативец Ѓорѓе Војновиќ и новинарот Зоран Михајлов. Имаше и две видео обраќања, од легендата на грчката кошарка Панајотис Јанакис и од внукот на Лазар, Андреј Апостолски Лечиќ кој тргна по неговите стапки и стана тренер, а сега работи во странство. Сите тие, меѓу другото, раскажаа анегдоти од животот со Лечиќ кој имаше голем придонес во развојот на нивните кариери.

„Јас не сум од Работнички, но Работнички мора да направи нешто вечно во чест на Лазар Лечиќ. Ако ништо друго, во салата на Работнички, каква е-таква е, да постави една фотеља на која ќе пишува Лазар Лечиќ за сите кои ќе дојдат тука да знаат дека таа сала ја направи тој. Лазар Лечиќ воведе новитети во југословенската кошарка кои ги користеа Александар Николиќ и Ранко Жеравица. Тоа го направи и Работнички голем клуб.

Секогаш кога патував низ светот, луѓето од кошаркарскиот свет ме прашуваа каде е и што прави Лазар Лечиќ“, рече Гапиќ.

На деновите поминати со Лечиќ се присети Војновиќ, една од легендите на македонската кошарка.

„Немав среќа Лазо да ми биде тренер, но имав среќа да ми биде учител. Уште се сеќавам, од деновите во школата на Работнички, трениравме во Градски парк, а Лазо ќе не види од галеријата горе и покрај тоа што не ни е тренер, се симнуваше долу да ни каже што треба да правиме. 'Мали, ти со овој шут бонсек, не можеш да станеш играч', ми велеше и не мотивираше да останеме да работиме.

На нас останува она што го велеше Лазо, да се 'поштуеме'. Постојано тврдеше дека немаме спорт затоа што не се 'поштуеме'. Лазо, играј кошарка горе на небото и чувај не“, рече Војновиќ.

Лазар Лечиќ почина на 13 август 2024, на 85-годишна возраст. Во кошарката беше повеќе од шест децении и остави длабока трага во Македонија, поранешна Југославија и Грција.