Финале според НБА-систем кој оди во прилог на МЗТ, но не и на неговите - навивачи!

Вечерашната победа на Пелистер на гости кај ТФТ (84-82) значи дека втора година по ред за титулата ќе се борат битолските кошаркари и МЗТ Скопје, во финална серија во три победи, која овој пат ќе се игра на начин пресликан од НБА, кој му дава поголема предност на фаворитот, но кој воопшто не носи радост кај неговите навивачи.

По пауза од речиси две децении, кога првпат беше направен ваков експеримент, годинешната битка за кошаркарската круна ќе се игра според системот „2-2-1“, наместо како досега наизменично на терените на двајцата финалисти. Ова значи дека МЗТ Скопје, како првопласиран по регуларниот дел од првенство, првите два финални меча ќе ги игра во „Јане Сандански“, по што следува најмалку една средба во Битола, каде што по потреба би се играл и уште еден меч. Домаќин на евентуалната „мајсторка“ повторно би бил подобриот тим од првиот дел од шампионатот – составот од Аеродром.

Ова, теоретски, носи поголеми шанси за фаворитот, со оглед што со двата меча по ред во своја сала добива шанса за сериозно одлепување, бидејќи со евентуални 2-0 би го ставил противникот во ситуација да нема право на никаква грешка. Истовремено, ваквиот систем не оди во прилог на навивачите на МЗТ, кои единствена шанса за прослава на титулата на домашен терен би имале само ако се игра решавачкиот петти меч. За разлика од нив, фановите на Пелистер евентуалната титула секако би ја славеле во својот дом во Битола, што не би се случило само ако се игра „мајсторка“.

Ова, секако, се само математички калкулации за тоа што би можело да се случи, но само од актерите на теренот ќе зависи дали новиот систем на играње на средбите ќе му оди во прилог на фаворитот, во овој случај екипата од Аеродром, или, пак, на полошо пласираниот тим од регуларниот дел, зелено-белите од Битола.

Според календарот на КФМ, првиот финален натпревар треба да се одигра на 27 мај (сабота), но постои можност битката за „десетката“ да почне неколку дена порано (следната среда или четврток), ако тоа биде прифатено од двете екипи.