Долга ноќ е пред фудбалерите, стручниот штаб и навивачите на Вардар, со оглед што дојде долго посакуваната прослава за враќање на најголемиот македонски спортски бренд во Првата лига и тоа по двегодишно мачење во второлигашката конкуренција.

Карванот веќе е тргнат од Кавадарци кон Скопје, а фудбалерите ќе имаат чест да влезат во Скопје качени на двокатен автобус со отворен кров, за да може да бидат адекватно поздравено од навивачите.

Славјето ќе продолжи на скопскиот плоштад каде што се очекуваат илјадници не само Комити, туку и обични вљубеници во спортот и во македонштината, со цел да го поздрават возобнувањето на Вардар.

„Фудбалерите херои, со панорамскиот автобус, следени од црвено - црниот караван, ќе пристигнат на плоштадот околу 22.30 часот. Повик до сите навивачи, да дојдат заедно да ја прославиме оваа голема победа и пласманот во Првата македонска фудбалска лига. Се гледаме на Плоштад!“, соопштија од Вардар.

Ваквата прослава на влез во елитата за некого можеби ќе делува и претерана, но е целосно разбирлива, со оглед на сите проблеми со кои се соочија вардарци сезонава. Финансии речиси да немаше, фудбалерите и тренерите работеа буквално без пари, а членовите на Комити буквално гребеа со нокти за да им обезбедат барем основни услови за работа. Затоа, тие сега заедно ќе се радуваат на влезот во Првата лига.