Два порази за ослабениот МЗТ Скопје на мини-турнејата во Грција!

Кошаркарите на МЗТ Скопје загубија во вечерашниот дуел против десеткратниот грчки шампион Арис (71-86), во меч во Солун во кој одлично се држеа во првото полувреме, но драстично паднаа во третиот период.

Аеродромци водеа во поголемиот дел од првото полувреме, а на стартот на третиот период дојдоа и до 47-43 и тука – застанаа. Следуваше неверојатна серија на силниот грчки тим со 18-0, која подоцна се зголеми и на 38-9 за највисоки плус 25 за домашниот состав (81-56). Сино-белите до крајот вратија со 15-5 за релативно пристојна негатива против некогаш најдобриот тим во Европа.

Роберт Рикиќ со 20 и Кристијан Николов со 16 поени беа најпрецизни кај МЗТ, каде што ги немаше Дамјан Стојановски и одличниот американски плејмејкер Дастин Вер, поради ситни повреди. Вчера, пак, актуелниот македонски шампион загуби во пресметката со Италис (62-76).