„Договор имаме само со Марин Докузовски, а ќе бараме тренер со – големо срце!“

Управата на Работнички на денешната прес-конференција потврди официјално дека договорот на тренерот Димитар Мираковски е завршен, исто како и договорите буквално на сите кошаркари, а единствен кој има договорна обврска со центарци е шефот на стручниот штаб, Марин Докузовски.

Првиот човек на општина Центар, Саша Богдановиќ, како претставник на целосниот сопственик на Работнички и претседателот на клубот, Ристо Гапиќ, на денешната средба со новинарите објавија дека се бара нов тренер, кој треба да има големо срце, но и кој треба да има програма за целосна реконструкција на тимот.

„Во моментов под договор и тоа за уште една година е Марин Докузовски, додека бараме тренер кој ќе работи со срце и ќе даде сѐ од себе за нашиот клуб. Од него ќе зависи со кои луѓе се работи, со оглед што никогаш не сум наметнувал имиња со кои би морале да работат нашите стратези. Кога ќе го најдеме новиот предводник од клупата, тогаш ќе знаеме многу повеќе, а и ќе почнеме да преговараме со кошаркари, со оглед што во моментов немаме ниту еден со договор за следната сезона“, изјави Богдановиќ.

Тој најави подмладување на екипата, односно вртење кон младинската школа, бидејќи во клубот не биле задоволни од односот на повозрасните играчи.

„Наша цел е да го освежиме клубот. Секако сакаме да имаме најсилен тим, но тоа не е секогаш возможно. Новата стратегија нема да значи дека ќе се фокусираме само на младите домашни таленти, но во изминатиот период не бевме задоволно од придонесот на повозрасните играчи, па затоа тие ќе ни бидат приоритет. Не е работата да направите скап тим кој ќе се бори за резултат, туку млад состав од кој ќе имаме бенефит и во иднина“, дополни првиот човек на Центар.

Претседателот Гапиќ истовремено потврди дека Работнички и следната сезона ќе настапува во АБА2-лигата.