Кошаркарите на МЗТ Скопје ја потврдија завчерашната голема победа во АБА-лигата против Цедевита Олимпија, откако вечерва, по голема борба во сите 40 минути, го совладаа најголемиот противник Работнички (91-87).

Тоа беше вистински празник на кошарката, како на теренот така и на трибините на кои имаше скоро 3.000 гледачи, како потсетување на некои поромантични времиња на играта со портокаловата топка кај нас. Двете присутни навивачки групи го дадоа дополнителниот шмек, без никакви инциденти, освен неколкуте запалени пиротехнички средства кои ја намалија видливоста во „Јане Сандански“.

Аеродромци заслужено триумфираа, со оглед што ја имаа предноста речиси во целиот меч, но таа само во неколку наврати беше изразена со двоцифрена разлика. Центарци пружија силен отпор, беа во игра за пресврт и победа се до последните моменти, во кои, сепак, пресуди поголемото искуство и фонд на играчи, особено домашни. Клучно за несупехот на црвено-белите беше лошиот шут од линијата за слободни фрлања од каде што промашија дури 12 пати (9/21), во што предничеше Камерон Форте (1/8).

Јунак во сино-белиот табор беше Војдан Стојановски со 26 поени, пет скока и четири асистенции, додека зад него беа Дастин Вер и Абдул-Малик Абу со по 13 поени. Убедливо најдобар поединец на теренот беше Ерик Нотиџ, кој средбата ја заврши со 31 поен со шест тројки со само две промашувања.

Ова беше последен меч од 14. коло од Првата лига, по кое МЗТ Скопје е лидер со 12-2, по што следуваат Пелистер со 11-3, ТФТ, Феникс, Еуро Никел и Гостивар со по 9-5 и Работнички со 8-6.