Деби од соништата за Симиќ во НЦАА (ВИДЕО)

Теодор Симиќ на фантастичен начин дебитираше во американската колеџ-кошарка. Македонскиот репрезентативец имаше впечатлив настап на своето деби за Универзитетот Тексас-Арлингтон, постигнувајќи 16 поени и собирајќи девет скока за помалку од 20 минути игра.

Тексас-Арлингтон ја отвори сезоната со убедлив триумф над Норт Тексас Далас од 89-56, а Симиќ веднаш покажа дека може да биде значаен дел од составот. Македонскиот центар доби 18 минути на теренот, кои ги искористи максимално и беше еден од најпродуктивните кошаркари во победничкиот тим.

Особено впечатлив е фактот што Симиќ беше на само еден скок од двоцифрен учинок во две статистички категории. Со 16 постигнати поени се најде веднаш зад Ноа Шелби, кој со 17 поени беше најефикасниот играч на Тексас-Арлингтон. Заминувањето во САД претставува ново поглавје за 216 сантиметри високиот центар, кој зад себе веќе има богато кошаркарско искуство и покрај младата возраст. Во досегашната кариера настапуваше за неколку клубови, меѓу кои Кожув, ТФТ и шпанскиот Прат, а дел од својот развој го мина и во младинските категории на Барселона. 

Следната можност за нов добар настап Симиќ ќе ја има на 6 ноември, кога Тексас-Арлингтон ќе ги одмери силите со Портланд на турнирот Outrigger Rainbow Classic на Хаваите.