Давитков се врати во Македонија - ќе ја спасува Струмица!

Поранешниот македонски селектор и тоа во два мандати, Јорданчо Давитков, по пауза од 15 години се враќа во домашната елита, откако денеска се договори да седне на кормилото на Струмица.

Тој се враќа во градот во кој последен пат работеше во макбаскетот во сезоната 2007/08, по што го почна интернационалниот опус, главно во земјите на Блискиот исток. Давитков ќе има исклучително тешка задача со оглед што презема клуб што е последен на прволигашката табела и пред кој е грчевита борба за опстанок. Струмица оствари само две победи по првиот дел од шампионатот, што им носи сериозен предизвик во продолжение од првенството.

„Струмица е град во кој имам многу пријатели, кој во минатото ми дал многу и на кој сакам да му вратам колку што можам кога му е најтешко на кошаркарски план. Тоа се главните причини што ја прифатив понудата од луѓето од клубот кои исто така ми се блиски, со оглед што во моментов сум помеѓу два интернационални ангажмани“, ни изјави Давитков.

Тој сезоната ја почна во Бахреин во тимот на Манама клуб, а ќе ја доврши во Струмица. Тренерската кариера ја почна во Никол Ферт, а потоа работеше во Работнички, Неметали огражден, Поло Трејд, а во странство своето знаење го преточување во титули најмногу во Исланд, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.