Антиќ останува единствен: Талентираниот Македонец се повлече од драфтот за НБА!

Најталентираниот македонски кошаркар во моментов, Ненад Димитријевиќ, нема да биде во конкуренција за избор на годинешниот драфт во НБА-лигата, откако го искористи последниот рок (вчера до 24 часот) и го повлече своето име од пријавата за овој настан.

Играчот на Хувентуд заедно со уште 46 други интернационалци и 89 кошаркари од САД кои се под максималната возраст за да бидат избрани на драфтот (22 години) решија да се повлечат, откако нивните менаџери не успеале да најдат заинтересирани екипи, или, пак, не добиле гаранција да бидат избрани од позицијата за која се надеваат.

Со ова, Димитријевиќ продолжи по чекорите на Владо Илиевски и Предраг Самарџиски, кои исто така се повлекуваа откако претходно испратија пријава за предвремен избор на драфтот. Тој, сепак, има можност да се пријави и следната година, но тогаш без можност за повлекување бидејќи ќе биде на максималната граница за учество во изборот на играчите за НБА-циркусот.

Откажувањето на Димитријевиќ воедно значи и дека Перо Антиќ и најмалку уште една година ќе остане единствениот Македонец во НБА, откако одработе две сезони во Атланта хокс. Но, тоа исто така ќе значи дека македонската кошарка и понатаму ќе нема свој играч избран на драфтот, со оглед што сегашниот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) меѓу „јастребите“ слета директно од Олимпијакос и тоа откако веќе навлезе во четвртата деценија од животот.

Најблиску до тоа да биде наш претставник во најсилната лига во светот со влез од драфтот е турскиот репрезентативец, Чеди Осман, кој е роден во Охрид и кој воопшто не ја крие поврзаноста со нашата држава. Тој дури и настапи со знамето на Македонија исцртано на една од неговите патики за време на годинешниот олстар-викенд.