Алелуја: Кошарката се враќа, навистина се враќа – ама до кога, никој не знае!

Македонската кошарка не е тотално мртва, иако одамна диши на апарати, за што доказ е смилувањето на официјалните лица и луѓето на заминување од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) да стават крај на дваесетдневниот прекин и конечно да го почнат она што е и најважно во првенството – плејофот.

По повеќечасовни надмудрувања кои не изостанаа и денеска, без разлика што пред Велигден беше „забетониран“ датумот на продолжување со првенството, клубовите точно во 13 часот конечно го добија мејлот што со нетрпение го очекуваа, а во кој беше „атачирано“ делегирањето на првите четвртфинални средби од доигрувањето.

Сите мечеви од воведната фаза од плејофот ќе се одиграат утре, а честа први да го сторат тоа имаат кошаркарите на Работнички и Пелистер, кои од 16.30 часот ќе ги одмерат силите во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода. Потоа на терен ќе истрчаат Куманово и Кожув (18 часот), додека за еден час подоцна се закажани пресметките помеѓу ТФТ и Чаир 2030 во СРЦ „Кале“ односно МЗТ Скопје и Феникс во „Јане Сандански“.

Сите серии од почетокот до крајот на плејофот се играат до три победи, а се игра според принцип 2-2-1, односно првите две средби и евентуалната „мајсторка“ ќе се одиграат на теренот на подобро пласираните екипи од регуларниот дел од шампионатот.

КФМ информира дека до утре ќе ги исплати долгувањата кон судиите за две кола, додека преостанатите шест рунди кои не им се исплатени на делителите на правдата ќе бидат регулирани дури откако клубовите ќе ги платат долговите кон Куќата на кошарката во износ од 2,7 милиони денари. Знаејќи дека речиси нема клуб без долгови, но и дека нема клуб без финансиски проблеми, реално е да се очекува уште некоја ваква криза и прекин во плејофот, со оглед што судиите решија да чекаат само до 25 април (петок) по што повторно би ја активирале одлуката за бојкот.