
Одбојкарските репрезентативци три месеци нема да излезат од сала – за Македонија!
Настапите во Златната Европска лига 2025 и вториот дел од квалификациите за Европското првенство 2026 се главните предизвици што ги очекуваат националниот тим. Подготовките стартуваат на 15 мај во Струмица, од каде што по една недела ќе замине во Марибор за пријателските натпревари со Хрватска (24 и 25 мај) што ќе биде прва проверка пред официјалните дуели во Европската лига.
Првиот турнир од Златната Европска лига ќе се одигра од 6 до 8 јуни во Братислава, каде Македонија ќе се соочи со Словачка и Финска. Следната недела, пак, во Рига (13 до 15 јуни) ќе игра мепротив Летонија и Грција. Кулминација на групната фаза ќе биде домашниот турнир во Струмица од 20 до 22 јуни, кога Македонија ќе ги пречека Црна Гора и Израел. Ако заврши меѓу првите четири, ќе обезбеди место на завршниот турнир, кој ќе се игра на 5 и 6 јули во Брно (Чешка).
По Европската лига следува кратка пауза, по што репрезентацијата повторно се собира на 20 јули во Маврово за подготовка на квалификациите за Европското првенство. Тимот ќе одигра контролни средби со Бугарија на 29 и 30 јули во Софија, а потоа ќе ја продолжи финалната фаза од подготовките во Скопје. Кулминација пред квалификациските натпревари ќе биде традиционалниот турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“ во салата „Борис Трајковски“ (5 до 7 август), на кој ќе учествуваат и селекциите на Бугарија и Швајцарија.
Македонија ќе ги почне квалификациите за ЕП 2026 на 13 август на гостински терен против Грција, а летната репрезентативна приказна ќе заврши на 17 август со дуел против Грузија во Скопје.