Зарем и РК Вардар ќе го нагриза болката која го ништи ФК?

ВЛАДКО АРСОВ

Спортската империја на Сергеј Самсоненко во Македонија се градеше чекор по чекор, а еднакво постапно сега и се урива. Први на удар беа ракометарките, во периодов се случува отцепување и на фудбалскиот клуб - што ли ги чека ракометарите?

Бевме европски главен град на ракометот, пишувавме историја со наслови „еден клуб на два фајналфора“, се пробивме дури и на убиствениот фудбалски фронт во Европа, а сега останаа спомени и многу прашалници.

Семејството Вардар веќе година и нешто примаше нејасни вибрации од својот „татко“ - еднаш си оди, другпат останува - за на крај едно по едно да почнат да се ликвидираат „чедата“. Во јаунари на ракометарките им беше соопштено да си бараат чаре, фудбалерите уште претходно почнаа да „фаќаат јабана“, сѐ дури летово не дојдоа да се клатат на мостот од Самсоненко до Град Скопје...или некојси загадочен купувач. 

Ракометниот клуб е единствениот кој сѐ уште не покажал силни симптоми на хроничното запоставување, иако слободно така може да се толкува групното напуштање од Раул Гонзалес и шест други ракометари по крајот на претходната сезона. И што ни преостанува друго освен слободно толкување кога управата на клубот непоколебливо молчи и се крие небаре ја гаѓаат со огнени стрели, а не со обични, јасни и коректни прашања за чии одговори копнее и масата црвено-црни навивачи и поддржувачи, со кои клубот толку се фали.

Подготовките за следната сезона веќе почнаа, а Вардар уште не е комплетен. Роберто Гарсија Парондо е млад тренер, но сериозен професионалец, па си призна дека во тимот му недостасуваат уште еден-двајца ракометари. Сега е и малку повеќе од тоа, бидејќи и Страхиња Милиќ си замина, иако во неговиот случај и самиот носи вина.

Ако не се појави наскоро некое ново засилување, од типот на споменуваниот Алексис Боргес, уште повеќе ќе се засилат шпекулациите дека и РК Вардар ја фатил бактеријата, па како и ФК ќе остане без финнсиската прегратка на Сергеј Самсоненко. Дури и да се случи такво нешто, крајно неодговорно е да биде сега, кога сезоната се крчка, кога СЕХА и ЛШ чекаат и не дозволуваат импровизации.

Последиците од недоиграна сезона во ЛШ, за жал, веќе ги имаме прочитано од правилниците на ЕХФ, кога Металург се спасуваше од давење, пред четири години. Не дај Боже и Вардар да замине во опасните води, па да страда целиот македонски ракомет. Одговорот го знае „човекот“, можеби и луѓето поставени да го водат клубот. Додека не се сподели отворено со јавноста, шпекулации од ваков тип ќе цртаат црни сценарија.