Да не ни се случи кошаркарски бродолом и во фудбалот!
НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ
Ако севкупно се собере во овие десет дена, Македонија на Европско мина позитивно, без оглед на контото со нула бодови, зашто успеавме Австрија да ја натераме да се препоти, Украина да „трепери“, а на Холандија ѝ требаше ВАР малку да ја поттурне, за да нè скрши. Фудбалерите дадоа сѐ од себе, но очигледно е дека за на оваа сцена потребно е многу повеќе за успех од само мотивација, тимски дух и добра атмосфера.
Колку што Фалангата ги освои срцата, со однесувањето без ниту една дамка, со забавата што ја направи во Букурешт за да ги натера Романците да жалат што нема уште еден меч на Македонија во нивниот главен град, толку треба да сме реални и да си признаеме дека резултатски разочаравме. Фудбалот се игра за бодови, особено на вакви турнири, каде се памети резултатот, а не некоја убавина. Никој не памети дека Португалија пред пет години играше „мизерен фудбал“ со три ремија помина група, ама сите паметат дека Роналдо и другатите станаа европски прваци.
Со настапот на ЕУРО 2020 заврши една ера, а од септември ќе почне нова. Заврши ерата на Горан Пандев, стрелецот на историскиот гол за пласман и првиот гол за Македонија на ЕП, заврши ерата на селекторот Игор Ангеловски како кормилар, кој ја презеде селекцијата на мизерното 162-ро место на ФИФА-листата, па беше диригент на оркестарот кој испиша историја. Но, заврши и еден четиригодишен циклус кој ја препороди фудбалската селекција, откако „златните младинци“ од најнадежната селекција се преселија во А-тимот, па почнаа да доаѓаат резултатите.
Спојот на две генерации, искусни и млади играчи со огромен потенцијал се покажа како добитна комбинација. Тие деца на Еуро 2017 матурираа, сега дипломираа со настап на ЕП, ментор им беше Пандев, кој еднаш мораше да замине во пензија. Сега, созреаните младинци ќе треба да продолжат сами, без својот капитен, кон нови победи.
Но, колку и да имаме талентирана генерација, која сѐ уште има огромен потенцијал, двојно потешко ќе им биде на сите за да нѐ одржат таму каде што се качивме.
Дека е полесно да се качиш на врвот, отколку да останеш таму, е добро позната изрека. Во новата ера на македонската репрезентација, почнувајќи за два месеци, тргнуваме од нашиот врв, учесници на Европско, селекција која ја победи Германија, со второ место во мундијалските квалификации. Товар тежок еден тон, кој треба да се понесе, за Македонија да се одржи на високо ниво, ѓаволски тешка работа, зашто апетитите сега се огромни, притисокот поголем, а справувањето со него и високите амбиции многупати се покажало дека многу често не можеме да го поднесеме. Дури и ова Евро 2020 беше доказ дека притисокот колку и да се избегнуваше да се потенцира дека не го чувствуваат, на крајот придонесе да (од)играме претпазливо, да се (под)исплашиме од предизвикот.
Македонија достигна едно ниво после 30 години независност, после предолго чекање, а на ум на сите во фудбалот, од федерација, па сè до репрезентативци, млади и стари, до клубовите треба да им биде пример кошарката. Пред една деценија славевме епско четврто место на ЕП, па - доживеавме бродолом. Во Македонија одамна и традиционално има вакви осцилации, од самиот врв до пропаст, дури и великанот Вардар ни е пример, од 2017 година во Лига Европа, шампионска титула во 2020, па сега второлигаш.
За да се остане на високо ниво и да се фати некаков континуитет, најмногу ќе зависи од ФФМ, зашто таа не е само „сервис на репрезентацијата“ за со многу пари да ѝ овозможи добри услови за фудбал, туку е најодговорна и прва фудбалска институција, која создава фудбалски политики за развој и напредок, програма и систем како веќе в година или за три години повторно да сме на големата цена.
Од тоа што сѐ се случува во Македонија, после ова ЕП, повеќе загрижувачки, одошто оптимистички е нашиот фудбал, па стравувањата дека колата ќе тргне удолу е поголема од оптимизмот дека новиот селектор, новиот дополнителен бран на репрезентативци ќе нѐ кренат уште повисоко, зашто основа за добра репрезентација не се само печалбарите, туку и добрите домашни фудбалери.
Оваа генерација на фудбалери вечно ќе се памети, а на „дипломците“ (младата гарда) е предизвик да ја надмине. За разлика од оваа генерација од ЕП во која никој не веруваше пред пет ипол години и тргна кон успесите со етикетите дрва, цепеници, сталки, сега тие дипломци од септември ќе тргнат со еуфорија која последен пат ја видовме пред осум години, која тогаш брзо спласна. Сега, на „новата генерација“ е фудбалската еуфорија и (до)вербата во фудбалот да не исчезннат до крајот на годината, а хероите, јунаците, мајсторите повторно да не не вратат во ужасните години кога повторно ќе им лепат етикети на дрва, сталки... Зашто македонската јавност неуспесите (пре)трагично ги доживува.